Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се закажани седници на неколку собраниски комисии.
Според информациите на веб страницата на Собранието, најавени се седници на Комисијата за транспорт, врски и екологија, на Комисијата за финансирање и буџет, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се предлог-измените на Законот за судски такси и на Законот за заштита на укажувачи, двата во второ читање.
Комисијата за финансирање и буџет ќе треба да расправа по Предлог-одлуката за одржување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на „Еуростандард банка”. На дневен ред на оваа комисија се и годишните извештаи на Комисијата за хартии од вредност и на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе ги разгледа измените на Законот за интероперабилност во железничкиот систем и на Законот за жичари и ски-лифтови, двата во прво читање, како и измените на Законот за автокампови и на Законот за скијалишта, двата во второ читање.
Законодавно-правната комисија ќе расправа по законите кои се на дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Комисијата за транспорт, врски и екологија.