Чешка очекува без одложување С. Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи,  денеска имаше видео средба со  министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек.

Акцентот на средбата  беше реафирмирање на најважните приоритети на Република Северна Македонија во актуелниот период, да биде усвоена Рамката за преговори со ЕУ од страна на Европскиот Совет и одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, до крајот на годината под претседателството на СР Германија.

„Вложивме многу во овој процес, што нѐ прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Чешка е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и ние високо ја цениме силната и гласна поддршка што доаѓа од кај вас, на сите нивоа “, истакна Османи.

Министерот Петжичек констатираше дека позитивниот исход за одржување на првата меѓувладина конференција ќе биде поттик за побрзи домашни реформи, како и позитивен сигнал за Регионот со што ќе се потврди европската перспектива на Западен Балкан, како една од целите за проширување на ЕУ.

Соговорниците се согласија дека сега е време двете земји да се посветат на економската соработка, особено во делот на зајакнување на трговската размена и во интензивирањето на инвестициската соработка.

За време на средбата министерот Османи се заблагодари на неодамнешната чешка донација наменета за развојот на капацитетите на единицата за атомска, биолошка, хемиска одбрана на Армијата на Северна Македонија, што е само една од низата донации во рамките на финансиската и материјална помош што Чешка и ја испорача на Северна Македонија.

Во рамките на средбата, шефовите на двете дипломатии разменија мислења за актуелните состојби во Регионот и прашањата поврзани со регионалната соработка.

Треба да знаете
Последни објави