Секторот за инспекциски работи на Општина Центар изминатата недела изврши отстранување на 4 помошни објекти во населбата Маџир Маало, односно на булеварот „Гоце Делчев“. На барање на жителите кои живеат во овој дел на општината, отстранети се објекти кои се наоѓаа на просторот веднаш под Железничкиот мост, кој ги поврзува општините Центар и Аеродром.
Овој запуштен простор, населен од бездомни семејства и полн со диви депонии, беше извор на загадување и зарази и претставуваше голем проблем на жителите од околните места и на минувачите.
Со целосно почитување на постапката и законските одредби, откако инвеститорите по издаденото решение за самостојно отстранување не ги отстранија објектите , Секторот за инспекциски работи со помош на механизација пристапи кон присилно отстранување. По отстранувањето на објектите, општината го исчисти просторот и дополнително истиот ќе биде уреден.
Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со активностите со нелегално изградените објекти и воедно апелира до граѓаните да не градат каде што тоа не е предвидено, да ги почитуваат законите и да се придржуваат до постоечките правилници за градба, со цел заштита на животната средина и со тоа Центар да биде еколошко, пристојно и современо место за престој и живеење.