Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Македонија преку пишано соопштение ја поздрави денешната одлука на Владата на РСМ за намалување на 33 царински стапки на одделни компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи.
Како што соопштуваат од Стопанската комора на Македонија, по иницијатива на Асоцијацијата, поднесена на 9 октомври, се побара изедначување на царинските стапки на ниво на оние во Европската унија за одделни компоненти кои им се неопходни на компаниите за нивниот технолошки процес, започнувајќи од 1 ноември во времетраење од една година.
-Во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата во процесот на пристапување во ЕУ, автономните мерки претставуваат привремено решение што е во функција на зголемување на извозната конкурентност на индустријата во земјава, која произведува технолошки напредни производи. Тоа, секако ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал, наведуваат од Асоцијацијата.
Позитивниот одговор од страна на Владата, како што се посочува, се должи на опсежните анализи и интензивната комуникација со Асоцијацијата во изминатиот период, којашто останува доследен партнер, за изнаоѓање трајно решение за целосно и трајно усогласување на царинските стапки, но и за генерално унапредување на бизнис климата за инвеститорите.