Европскиот суд за човекови права ги штити правата на луѓето кои употребуваат дроги

Пресуда против Северна Македонија донесе Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Со пресудата од 22 октомври 2020 година, Европскиот суд утврди дека државата го прекршила правото на приватност на две лица со откривање на нивните медицински податоци на полицијата.

Пресудата се однесува на случај од  2010 година, кога по пријава за недостаток на количини на метадон во програмата за третман на зависност со метадон во Струмица, полициски службеници влегле во болницата и без законски основ направиле увид во медицинските податоци на пациентите кои биле на третман. Документите што им биле достапни на полициските службеници содржеле имиња и презимиња на сите пациенти кои примиле метадонска терапија на конкретни датуми и количината на метадон што тие ја примиле. Противзаконски добиените податоци полицијата ги злоупотребила за дополнително да ги вознемирува оштетените со искористување на лични и интимни податоци од нивните медицински досиеја.  

Шест лица поведоа постапка против болницата и локалната полиција за заштита на нивното право на приватност пред домашните судови, но Основниот суд во Струмица и Апелациониот Суд во Штип утврдија дека не постои повреда на правата на оштетените. Двајца од нив правдата продолжија да ја бараат во Стразбур и по десет години од настанот ЕСЧП утврди повреда на нивните права.

ЕСЧП смета дека полицијата имала други начини како да ги испита наводите за недостаток на метадон, а судовите не успеале да направат баланс помеѓу заштитата на правото на пациентите наспроти правото на полицијата да има пристап до сензитивни медицински податоци без судска наредба.

Коалиција Маргини и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија од 2010 година обезбедуваат правна помош за оштетените кои по донесувањето на оваа одлука имаат можност да бараат повторување на постапката пред домашните судови.

Потсетуваме дека по пресудата Чиповски и Трајковски против Северна Македонија ова е втор случај оваа година во кој ЕСЧП утврдува повреда на правото на приватност што укажува на системската повреда на правата на луѓето кои употребуваат дроги.

 

Треба да знаете
Последни објави