Во Европа, ситуацијата е немилосрдно црна и голем број земји пријавија рекорден број на новозаразени, почнувајќи од Франција, која во неделата по првпат регистрираше повеќе од 50.000 нови инфекции, а бројот на смртни случаи во Европа го надмина прагот од 250.000.
На 46-те европски членки на СЗО отпаѓаат 46 проценти од вкупните инфекции во светот и речиси третина од сите смртни случаи, изјави Мајк Рајан, главен експерт во СЗО за вонредни ситуации.
Голем број европски земји се пред затворање, поради постојаното зголемување на бројот на новоинфицирани со коронавирус. „Локдаун” веќе е воведен во Белгија, Ирска и Велс.
Исто така, вонредна состојба е во Шпанија и Италија, додека полициски час е воведен во Италија и Чешка. И Германија се соочува со губење на контролата, а денеска забележа нов рекорден број на новоинфицирани од над 10.000 случаи за 24 часа.
– Вака нема да можеме да продолжиме, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, истакнувајќи дека следат „многу, многу тешки месеци”.
Слично е во Франција, Италија, Холандија, Чешка, Австрија, Словенија, Белгија, Шпанија. За десет дена, бројот на заразени лица е двојно зголемен, бројките се рекордни и се најавуваат построги мерки дури и таму каде што „заклучувањето” веќе е во сила.
Шпанската покраина Каталонија најави дека размислува за воведување нов „локдаун” за населението за време на викенд. Други шпански региони ги заострија ограничувањата откако во неделата беше прогласена вонредна санитарна состојба.
Франција предупредува дека можат да одат и до 100.000 нови случаи на ден. Претходниот неславен рекорд е 52.010 новоинфицирани за 24 часа
Класичен „локдаун” имаат Белгија, Ирска, Велс. Вонредна состојба, меѓу другите, Шпанија и Франција, а австрискиот канцелар Себастијан Курц соопшти дека не е исклучено уште едно „затворање”. За тоа, како што рече, ќе се одлучува врз основа на бројот на хоспитализации.
Дефинитивно земјата со најмногу заразени по глава на жител е Чешка. Премиерот Андреј Бабиш најави продолжување на вонредната состојба. „Ако не се случи некакво чудо, нема да имаме друг избор освен да ги заостриме мерките”, рече тој. Училиштата и повеќето продавници се веќе затворени, но властите велат дека голем број Чеси не се придржуваат до мерките. Чешка од утре воведува полициски час од 21 часот навечер до 5 изутрина, со траење до 3 ноември. – Не гледаме опаѓање на бројот на новозаразени, кој го очекувавме претходните денови, рече министерот за здравство Роман Примула. Чешка има 1.284 случаи на 100 илјади жители во последните 14 дена, што е најмногу во Европската унија.
Словенија објави дека од денеска на граѓаните не им е дозволено да го напуштат своето место на живеење, освен во итни случаи. Претходно, не им беше дозволено да го напуштат поширокиот регион, со полициски час од 21 до 6 часот наутро. Од викендот, хотелите и сите продавници, освен продавниците за храна, се затворени.
Рекорден број смртни случаи од коронавирус е регистриран во Русија на дневна основа, откако во изминатите 24 часа беа регистрирани 320 жртви, соопшти денеска центарот за борба против кризата со коронавирусот. Ова е, во исто време, големо зголемување на бројот на смртни случаи во споредба со понеделникот, кога беа пријавени 219 починати од последици од Ковид-19. Вкупно 26.589 лица починале од коронавирус во Русија досега, пренесува ТАСС. Во изминатите 24 часа се регистрирани нови 16.550 случаи на коронавирус, со што вкупниот број на потврдени позитивни случаи достигна 1.547.774, се вели во соопштението на центарот. Русија нареди затворање на ресторани и барови во текот на ноќта од 23 до 6 часот наутро за да се спречи брзото ширење на Ковид-19.
Францускиот претседател Еманул Макрон за денеска свика средба на Советот за одбрана на тема Ковид-19, а премиерот Жан Кастекс разговара со претставници на политичките партии, работодавачи и синдикати.
– Многу наши сограѓани не се свесни што нè чека, изјави вчера Жан-Франсоа Делфраси, претседател на Научниот совет кој ја советува Владата. Тој призна: И сами сме изненадени од бруталноста (на ширење на пандемијата) во последните десет дена. – Исцрпениот медицински персонал изразува сомнеж дали ќе може да издржи. Под услов да остане неименуван, анестезиологот-реаниматор од регионот на Париз рече: Повеќе не размислуваме што ќе се случи по короната, се прашуваме како ќе издржиме. Понекогаш се прашуваме дали имаме уште сила да бидеме лекари и да се соочиме со тоа.
Експертот од СЗО, Мајк Рајан, вчера предупреди дека Европа мора „сериозно да ја забрза” борбата против коронавирусот, а недоволното следење на контактите на заразените оневозможува сузбивање на болеста.
Тој потенцира дека во Европа е зголемен бројот на капацитетите на болниците за третман на пациенти со Ковид-19, и за мала смртност, но предупреди на високата стапка на зараза и недостиг на капацитет за следење на контактите, што би ја одвело „болеста во мрак”.
– Многу држави сега се соочуваат со серија карантини во следните недели. Сигурен сум дека ниту една земја во светот не сака да биде во таа ситуација, рече тој.
Европските челници вчера предупредија дека претстои тешка зима со оглед на големиот пораст на новозаразени лица. Според податоци на ЕЦДЦ, од 31 декември 2019 до 26 октомври 2020 година бројот на лабораториски потврдени позитивни на коронавирус во светот изнесува 43.140,173 лица и 1.155,235 починати. Бројот на случаи во Европа изнесува 8.530,183, при што, најголем број случаи има во Русија (1.513,877), потоа Франција (1.138,507), Шпанија (1.046,132), Велика Британија (873.800) и Италија (525.782). Во Европа се регистрирани 252.967 смртни случаи, од кои во Велика Британија – 44,896, Италија – 37.338, Франција – 34.761, Шпанија 34.752 и Русија 26.050.