Шпанската Влада денеска објави планови за зголемување на даноците за големите компании и луѓето кои најмногу заработуваат, со цел да ги инвестира овие пари во социјална заштита и инфраструктура, како дел од планот за буџетот за 2021 година.
Шпанската економија претрпе тежок удар поради пандемијата на коронавирусот и годинава се очекува да падне за 11,2 проценти, но Владата планира следната година да го зголеми буџетот за 6,8 милијарди евра, што ќе ѝ даде поголема моќ да најде излез од кризата.
Владите ширум светот сè уште не донеле одлука како да ги обноват економиите погодени од пандемијата на коронавирусот.
Дури и Меѓународниот монетарен фонд минатата недела објави дека засега приоритет е пандемијата да се стави под контрола, а потоа и економско закрепнување.