Традиционално добрите односи со Руската Федерација со кои се фалеше скоро секоја власт во Србија, овој пат се на најголем тест досега. Ова може да се заклучи врз основа на составот на новата влада и чистењето на „руските кадри”. Откажувањето на претходно најавената посета на Владимир Путин и потпишувањето на Вашингтонскиот договор очигледно придонесоа за затегнување на односите меѓу двете земји, поради што Москва е сè подалеку од српската влада, објави белградскиот портал Нова.рс.
– Одлуката на Александар Вучиќ да го намали бројот на министерски места во владата на Србија на коалицискиот партнер од Социјалистичкатапартија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, од пет на две – Министерството за образование (и вицепремиер) и министерство без ресор, претставува најнов удар за „руските играчи” во владата на Србија се наведува во текстот на Нова.
Фактот дека оддалечувањето од Москва стана нова реалност покажува и неизвесната судбина на поранешниот министер без ресор задолжен за иновации, Ненад Поповиќ, кој во рамките на коалицијата собрани околу Српската напредна партија (СНС) важеше за еден од најблиските луѓе до официјален Кремљ.
– Актуелната министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, која Русите ја сметаат за „американски човек” ќе го преземе Министерството за енергетика на местото на Александар Антиќ од СПС, што се толкува како уште еден потег во насока на оддалечување на Белград од Кремљ, пишува Нова.
Во Вашингтонскиот договор, потпишан во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, првиот човек на српската држава учиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, се наведува дека Белград и Приштина ќе ги диверзифицираат своите енергетски резерви, што е директно отклонување од Русија.
Со оглед на тоа што Москва и Вашингтон со години се натпреваруваа за влијание врз Балканот, подоцнежната одлука на рускиот претседател Владимир Путин да не дојде во најавената посета на Белград, порталот Нова го толкува како сигнал до српските власти дека постојат проблеми и дека односите повеќе не се „идилични” како што беа порано.
Коментаторот за надворешна политика, Бошко Јакшиќ, за порталот посочува дека договорот во Вашингтон, со кој Србија првпат официјално отстапи од официјална Москва, дефинитивно влијаел на составот на новата влада.
– Иако властите во Србија сакаат да ја претстават најавената посета на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, како доказ за добрите односи, тоа не е случај. Тој доаѓа од спротивни причини и со намера да ги поправи расипаните односи. Неговата намера е да добие информации во разговор со властите во Србија, до кој степен руското влијание ќе функционира во наредниот период, забележува Јакшиќ.
Според него, српската влада не може да си дозволи луксуз за натамошно влошување на односите со Русите и во наредниот период ќе се обиде да ја надомести нанесената штета.
– Србија ќе продолжи да повторува дека никогаш нема да воведува санкции за Русија и дека има економски интереси за соработка. Факт е дека влијанието на официјална Москва врз Србија е ограничено и дека присуството на Америка е посилно. Вучиќ ќе треба да му објасни на Лавров зошто им се направени отстапки на САД, истакна Јакшиќ.