Општина Велес во соработка со Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” го распиша традиционалниот конкурс за доделување Актерска награда за животно дело „Петре Прличко” со рок за пријавување до ноември.
Општина Велес соопшти дека предлози за кандидати може да поднесат физички и правни лица од областа на драмската уметност, како драмски уметници, национални и локални институции и здруженија на граѓани од областа на драмската уметност од земјава.
Кандидатите треба да се професионални драмски актери државјани на Република Северна Македонија, а приоритет на конкурсот имаат драмските актери од средната генерација. Нема да се земаат предвид предлозите со кои кандидатите се предлагаат себеси.
На конкурсот се доделува една награда која се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен дел од 30 илјади денари. Добитникот ќе го избере стручна комисија од три члена. Комисијата ќе ги објави резултатите од конкурсот на прес-конференција во Општина Велес, најдоцна пет дена по истекот на рокот на конкурсот.