Министерот за правда, Бојан Маричиќ денеска преку видео-конференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на која дискутирале за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.
Како што соопштија од Министерството за правда, министерот Маричиќ истакнал дека покрај сите премрежија, очекува првата Меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година, а дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и темпото на реформите во сите области.
Според министерот Маричиќ, позитивниот Извештај на Европската комисија, претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги започне официјално преговорите до крајот на година под германското претседателство.
– На состанокот, Маричиќ ја реафирмираше својата подготвеност и заложбата сите реформски процеси од Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ и под лупата на Брисел, се наведува во соопштението.
Маричиќ информирал дека е започнат инклузивен процес на средби и интензивна комуникација со сите засегнати чинители од правосудството, како Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, судовите и обвинителствата, како и релевантните комори, се со цел координација и усогласување пред предвидените реформи во правосудството.
– Маричиќ истакна дека во претстојниот период ќе се фокусира на реализирање на мандатната мисија и ќе иницира политики за зголемување на професионалните стандарди, одговорноста и транспарентност на судството и обвинителството, стои во соопштението од Министерството за правда.
Воедно, министерот Маричиќ информирал дека тој е силен поддржувач за зајакнување на финансиската независност и капацитетите на судството и обвинителството и дека очекува значително зголемување на нивниот буџет, со што ќе се создадат подобри услови за поефикасна и поефективна борба против организираниот криминал и корупцијата.