Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар , денеска имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу.
„Естонија е наш докажан пријател и ја цениме силната поддршка која ни ја испраќате за нашата посветеност во остварувањето на европските стандарди во сите области. Очекуваме во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на затворањето на поглавјата за нашето членство во ЕУ, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина”, потенцираше Османи.
Министерот Реинсалу ја реафирмираше определбата за натамошно јакнење на пријателството меѓу двете земји, ја поздрави реформската определба на министерот Османи во напорите за зачленување во ЕУ и укажа дека овој курс треба да продолжи да се имплементира во нашата држава.
На разговорот воедно, беа разгледани можностите за интензивирање на високиот политички дијалог, соработката во доменот на безбедноста во рамките на НАТО, но и преку учество на наши експерти во НАТО Центарот за сајбер безбедност во Талин, како и потенцијалите во трговијата, енергетиката, ИТ и дигиталните технологии.
Оваа средба е дел од дипломатската активностите на министерот Османи во пресрет на претстојните европски самити на Европската Унија кога се очекуваат клучните одлуки за финализација на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава како официјален старт на преговорите.