Македонско-јапонското дуо Ема Попивода и Асами Сати се наградени од градот Токио на конкурс помеѓу 20 000 проекти. Композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице” – Ноктурно оп. 52 б на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски е снимена онлајн, за време на карантинот, информира Игор Стојанов, уредник во Одделот за радио и телевизија при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.
– Видеото го изработи Милан Тоциновски, а продукцијата е на Давор Попивода. Пијанистките Асами Сати и Ема Попивода соработуваат од 2016 година. Двете имаат интернационални кариери како солисти. Сати студирала и магистрирала во Јапонија и во САД,, но работи и како продуцент за развој на глобални активности во Токио. Попивода е доктор на музички науки, професор по пијано на Музичката академија при УГД во Штип и активна пијанистка со бројни настапи низ Европа, САД и Азија, рече Стојанов.
Посочи дека видеото допре до милиони гледачи во Азија и е одлична промоција на македонската музика, македонскиот фолклор и на нашата земја. Видеото е инспирирано од архитектот Кензо Танге, кој на некој начин ги поврзува Скопје и Токио и содржи снимки од двата града, макети и планови за изградба на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Кензо Танге работел на планот за изградба на Скопје по земјотресот, а Градскиот ѕид, Железничката станица во Скопје, Македонската опера и балет и многу други објекти се дел од архитектурата на новото Скопје. Тој ги изградил и зградата на Владата на Токио и стадионот Јојоги во Токио, објекти кои и денес се меѓу од најзначајните во јапонската архитектура.