Граничната агенција на ЕУ објави денеска дека започнала внатрешна истрага за нелегалното грчко враќање на мигранти по различните извештаи во меѓународните медиуми, пренесува „Екатимерини“.
„Ги разгледуваме обвинувањата изнесени од повеќе новински организации поврзани со нашите активности на надворешната граница на Грција“, рече извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Леџери, во писмената изјава во која се наведува дека агенцијата нема да толерира никакви повреди на основните човекови права.
„Ние остануваме посветени на обезбедувањето поддршка за Грција на нејзините надворешни граници во согласност со нашиот мандат и во духот на солидарноста на ЕУ, целосно почитувајќи ги основните права и меѓународното право“, додаде тој.
Фронтекс рече дека несогласувањето меѓу Турција и Грција за поморските граници дополнително ја комплицира ситуацијата.
Групите за човекови права одамна ги обвинуваат грчките граничари за намерно напуштање и принудно враќање на бегалците на море. „Шпигел“ минатата недела објави документи кои покажуваат дека единиците на Фронтекс ја набљудувале, па дури и ја поддржувале оваа практика во последните месеци, во спротивност со меѓународното право
„Нашето истражување првпат докажува дека претставниците на Фронтекс знаат за незаконските практики на грчките граничари и дека самата агенција на моменти е вклучена во тие активности“, објави неделникот.
„Шпигел“ документираше најмалку шест инциденти во кои единиците на Фронтекс биле вклучени во нелегално враќање на мигрантите во близина на островите Лезбос и Самос помеѓу 28 април и 19 август.
Анализата на „Шпигел“ беше поткрепена и од „Лајтхаус рипортс“, „Белинкет“, германската телевизија АРД и јапонската телевизија ТВ Асахи.