Реал Мадрид и по 2. коло од групната фаза во фудбалската Лига на шампионите остана без победа. Најтрофејниот клуб со освоени европски титули Реал не само што не победи на гостувањето кај бундеслигашот Борусија Менхенгладбах, туку во последните минути од натпреаврот успеа да анулира негатива од два гола и да избегне пораз (2:2). Во 1. коло „кралевите“ загубија како домаќини од Шахтар.
-Не очекувавме дека ќе има ваква драма, но мојот тим покажа дека знае како да се справи со ситуацијата. Мислам дека бевме доста добри во првото полувреме. Она што нѐ боли е што направивме сериозна грешка која нѐ чинеше првиот гол, рече Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид по натпреварот.
До 87. минута домаќинот Борусија имаше предност од 2.0. На демонстрираната упорност и освоениот бод францускиот стратег Зидан гледа позитивно. Два пораза во првите две кола од Лигата на шампионите ќе беше голем шок за Реал.
-Поседот на топка не успеавме да го претвориме во шанси за гол. Она што ќе го земеме како позитивно од овој натпревар е начинот на кој играчите се повратија. Многу беше важно да се освои овој бод, додава Зидан.
До крајот на групната фаза има уште 4 кола, а Реал веќе наредниот вторник го чека нов дуел во ЛШ и тоа против главниот конкурент за првото место, тимот на Интер.
-Ова ќе биде тешка година за сите, но јас сум горд на мојот тим. Ако продолжиме да играме вака дефинитивно ќе ја поминеме групата, уверен е Зидан.