Во продолжението на 19. седница, Собранието попладне ги донесе измените и дополнувањата на Законот за научно-истражувачка дејност, по скратена постапка.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека Собранието ќе ја продолжи работата во 19 часот, а во меѓувреме продолжува расправата во Комисијата за здравство, на која повеќе од пет часа се дебатира за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Претходно, Џафери ја почна седницата со образложение дека Комисијата не ја завршила својата работа и дека ќе продолжат со другите точки.
-Собранието се изјасни по барањето за точката која одлучивте да биде прва. Според процедурите на собранието Комисијата требаше да заврши до почетокот на седницава, но не е завршена. Јас во целост ги разбирам политичките одлуки во партиите и партиските органи, но да разберете дека Собранието работи по процедура и Деловник, истакна Џафери и ја продолжи седницата по другите точки.
За Законот за заштита на населението од заразни болести, што се носи по скратена постапка и чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа пет амандмани, а амандмани имаат и Алијанса на Албанците и Алтернатива.