Во Босна и Херцеговина во изминатото деноноќие се потврдени нови 1.586 случаи на зараза со коронавирусот и дури 36 починати лица. Овие бројки се нови дневни рекорди од избувнувањето на епидемијата во оваа земја во март годинава, соопштија здравствените власти кои се соочуваат со сѐ поголем притисок од заболени.
Од вторникот се тестирани повеќе од 3.700 примероци, при што заразата е потврдена кај 932 лица од Федерацијата БиХ и кај 630 лица од Републа Српска. Во дистриктот Брчко потврдени се уште 24 коронаинфекции, а две лица починале во овој ентитет.
Според податоците кои во средата ги објави министерството за цивилни работи на БиХ, бројот на новозаразени на 100.000 жители во текот на седум дена изнесува над 207. Податоците се однесуваат на периодот од 19-ти до 25-ти октомври и двојно се поголеми во однос на претходната седмица.
Бројот на заразените расте секојдневно во речиси сите делови на земјата, но најголем пораст бележат големите градови. Во Сараево потврден е 301 нов случај, во Бања Лука имало 189, во Мостар 176 а во Бијелина 89 зарази.
Во Сараево целосно се пополнети капацитетите на Клиниката за белодробни болести, наменета исклучиво за заболените од Covid-19, па тие сега се сместуваа на посебен оддел во Општата градска болница. Во Клиничкиот центар во Бања Лука во моментов има хоспитализирано 209 пациенти, додека во Клиничката болница во Мостар се згрижени 75 заболени. Некои болнции во помалите места, истовремено предупредуваат дека поради ширењето на заразите имаат недостиг од медицински кадар.