Во организација на албанскиот парламент во Тирана се одржува првиот балкански форум за антисемитизам.
Отворајќи го форумот претседателот на албанскиот парламент Грамоз Ручи рече дека борбата против антисемитизмот ќе го претвори во прашање на целиот Балкан.
– Ве уверувам дека Албанија ќе ја заврши својата мисија да ја претвори борбата против антисемитизмот во прашање за целиот Балкан, порача Ручи.
Ги нагласи блиските односи меѓу Албанците и Евреите, кои траат повеќе векови, додавајќи дека антисемитизмот не е само против Евреите, туку и против злото.
Преку видео врска се обрати државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој упати голема благодарност до на Албанија и албанскиот народ, за помошта дадена за Евреите по војната и холокаустот
– Задоволен сум што ви се придружувам на овој форум. Албанија е голем пријател на Соединетите држави. По војната и холокаустот, земјата беше таа што им понуди ретка помош на Евреите. Албанците беа прибежиште за Евреите за да избегаат од нацизмот. Вие спасивте животи и им дадовте лажни документи за да ги спасите. Чест за
Албанија и нејзиното наследство и нејзината толеранција, рече Помпео.
Додаде дека ова е собир за да се крене гласот против антисемитизмот.
– Тука сме за да го кренеме гласот против антисемитизмот. Прво мора да ја идентификуваме оваа закана и да најдеме начини за борба против неа. Треба да има еднакво поле за сите држави. Видовме ширење на антисемитизам и тоа е загрижувачко. Да ја гарантираме безбедноста на секоја личност, живееме еден до друг. Ви благодарам многу за оваа одлична работа. Бог да ја благослови Албанија, ја заврши Помпео својата порака.
Во своето обраќање координаторот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, го нагласи, како што рече, уникатното однесување на Албанците со Евреите за време на Втората светска војна, кои не само што ги бранеле од нацистите, туку и се предавале на нивно место.
Рече дека историски е присутна религиозната и етничка толеранција меѓу албанските граѓани, додавајќи дека основните вредности како што се: хуманост, заштита на лица кои се во опасност и верска толеранција денес е повик за дух на соживот и верска толеранција.