Макпетрол АД не се согласува со одлуката на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) за определување на ескалираната густина и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот за премија, транспортините трошоци до склад во земјава, висината на надоместокот за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи, донесена на 22 октомври годинава, информираат од компанијата.
-Со оваа одлука РКЕ повторно ја потврди својата нестручност и селективна примена на Законот за енергетика, а дополнително во образложение на предметната одлука наведува невистинити информации. Ваквото однесување на членовите на РКЕ создава само штети и несигурност на пазарот, бидејќи нафтените компании преку овие несовесни политики се спречени да инвестираат во својот развој, како и во развојот на своите вработени, велат од Макпетрол АД.
Поради нестручноста и селективноста на членовите на РКЕ, додаваат, Макпетрол АД како и многу пати до сега, повторно бара либерализација на пазарот односно, слободен пазар при формирање на цените на нафтените деривати. Впрочем, исто како што е либерализиран пазарот и во земјите членки на Европската Унија, со кои РКЕ ги прави споредбите.