Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Што мисли народот“ истакна дека опозицијата сериозно размислува да побара одложување на предвремените локални избори во Штип кои треба да се одржат на 10-ти декември. Тој посочи дека во ситуација кога имаме речиси четирицифрени бројки на заразени и двоцифрена бројка на починати секој ден, граѓаните на Штип не треба да се ставаат на дополнителен ризик.
„Јас тоа го кажа и сега кога бевме во Ново Село штипско, на 23-ти октомври на Денот на македонската револуционерна борба, јас и тогаш кажав, еве и сега ќе го кажам, во Штип се брани Македонија. И ова не се обични избори. Но прашањето е сега дали на 870 заболени имаме воопшто амбиент за фер и демократски избори. Бидејќи вие знаете на 870 заболени и секојдневна двоцифрена бројка на луѓе кои го губат животот, прашањето е дали треба воопшто да ги изложуваме на дополнителен ризик штипјани да излегуваат на избори. Јас апелирам и до Владата и до останатите политичари сериозна да размислат, ВМРО-ДПМНЕ оваа точка на следната седница на Извршниот комитет сериозно ќе ја размислува бидејќи само прашање на време е кога бројката на новозаболени ќе стане четирицифрена. Апсолутно многу е возможно да побараме одложување на изборите“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски Илчо Захариев има сериозен белег оставено во Штип, Јорданов е со силен капацитет и визија тие би биле одличен тандем за Штип.
„Капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип е навистина огромен и станува збор за прекрасни луѓе, луѓе кои можат многу да дадат за Штип и за штипјани јас мислам дека тоа ќе бидат исклучително квалитетни тандеми, екипа на луѓе кои што ќе работат за интересите на штипјани и ќе го постават Штип онаму каде што му е местото зошто за мене лично а и за нив Штип претставува посебно историско место за Македонија“, рече Мицкоски.