Воената парада што традиционално секоја година, на 28 октомври се одржува во Солун, по повод грчкиот национален празник, оваа година е откажана поради пандемијата, а нема да се одржат ниту парадите на учениците. Наместо воена парада, денот „Охи” (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, ќе се одбележи со мали настани, како што е положување цвеќе на споменици, прелет на воени авиони и хеликоптери низ целата земја, свечени литургии во црквите, но со ограничен број присутни, согласно здравствените протоколи.
– Сега е време на одговорност од секого. Особено што и самата Црква, која е во првите редови на националниот напор, следејќи ги сите упатства и насоки на здравствените власти, како што наведе и Архиепископот на Атина и цела Грција, господинот Јеронимос, нè повика оваа година да учествуваме во славењето за националната годишнина на поинаков начин. Да им оддадеме почит на херојските жртвувања на нашите предци, на Грците кои ги дадоа своите животи за нашата земја, без да учествуваме во официјалните церемонии, порача заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас во пресрет на денешниот празник.
За оние кои нема да се придржуваат на мерките, согласно министерската одлука со која се откажуваат парадите, предвидени се казни што може да достигнат и до две години затвор.
Поради пандемијата, не се одржа и воената парада во Атина на 25 март годинава кога Грција беше во целосен карантин.