Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше воведно обраќање на видеоконференцијата „Млади, миграција и демографските предизвици во земјите од Западниот Балкан“, на покана на сојузниот министер за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, која се одржа во рамките на Програмата на германското претседателство со ЕУ.
„Како одговорни политичари од регионот, треба да ги обезбедиме сите услови со цел младите да го прифатат и да го предводат бранот на промени во своите земји за да станеме конкурентен дел на Европа. Ние веруваме во европските вредности, а тоа значи да се верува во стабилност, безбедност, силни институции, кои ќе ги изградиме заедно со младите, што значи да се верува во иднината“, истакна Османи.
„Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели на тие промени. Нема поубава порака за нашата иднина, кога би можел да ги слушнам младите дека се охрабрени и мотивирани и дека сакаат активно да учествуваат во креирањето на сопствената иднина во регионот и во Европа“, потенцираше Османи во своето обраќање.
Стабилноста и развојот на Западниот Балкан е високо на агендата на Германското претседателство со ЕУ, а целта е постигнување брз и видлив напредок на луѓето во регионот. Конференција претставува платформа за дискусија и изнаоѓање решенија за ублажување на процесот на одлив на мозоци од земјите на Западен Балкан. Да се анализираат причините, но и да се даде силен политички фокус на ова важно прашање.
Покрај сојузните германски министри, Мас и Рот, кои беа во улога на домаќини на Конференцијата, говорници беа и еврокомесарот Вархеји, како и шесте министри за надворешни работи од Западен Балкан, а учествуваа и високи претставници на Регионалниот совет за соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО.