Пратениците на српскиот парламент денеска ќе гласаат за изборот на нова српска влада. Парламентарните избори кај северниот сосед се одржаа уште на 21 јуни годинава, а новата влада преедводена од старо-новата премиерка Ана Брнабиќ е натокмена дури по четиримесечно размислување кој се да се најде во „удобните фотелји“.
Новиот претседател на српското собрание Ивица Дачиќ свика седница со една точка на дневн ред – избор на Влада и заклетва на претседателот и членовите на Владата. Како што претходно беше утврдено со Законот за министри новата влада ќе има 21 министерство и еден или двајца министри без ресор.
Мандаторот за состав на новата влада, Ана Брнабиќ, најпрво ќе го претстави планот за работа на идните министри, по што ќе следи парламентарната расправа и гласањето за новиот состав на српската влада. Брнабиќ претходно најави дека во новата влада министер за надворешни работи ќе биде Никола Селаковиќ, министер за внатрешни работи Александар Вулин и министер за одбрана Небојша Стефановиќ.