Македонскиот институт за медиуми и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска организираат тркалезна маса на тема „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во РС Македонија”.
На тркалезната маса, како што најавуваат организаторите, треба да се обратат директорoт на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, министерката за образование и наука Мила Царовска, директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска и националниот консултант при Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа Борислав Вукојевиќ.
Во делот наменет за дискусија, учесниците ќе може да расправаат за планираните реформи, инфраструктурата на училиштата и достапни ресурси и за наставниците и нивната подготовка.
Настанот се одржува во рамки на второто издание на Деновите на медиумската писменост, што оваа година се организира од 26 октомври до 2 ноември 2020 во организација на Мрежата за медиумската писменост.