Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко пред неколку дена ја напушти Инфективната клиника во Скопје каде речиси два месеца беше лекуван од болеста предизвикана од коронавирусот. Тој по пристигнувањето во својот дом објави писмо за јавноста преку кое им се заблагодарува на лекарите, медицинските сестри и на целиот персонал во болницата, како и на граѓаните кои преку пораки или со молитви го охрабрувале да ја добие битката со болеста. „Луѓе, почитувајте ги мерките, ова е опасна болест“, вели Мерко.Градоначалникот Мерко вели дека минал низ тежок период од животот зашто бил во тешка здравствена состојба како резултат на инфекција со ковид-19.
„Сепак Господ сакаше да се опоравам и по период од речиси два месеца поминати во Инфективната болница во Скопје , повторно сум во мојот дом овде во Струга, покрај внуците и со моето семејство кое толку многу ми недостасуваше. Би сакал срдечно и јавно да им се заблагодарам на сите лекари и на целиот персонал на Клиниката за инфективни болести во Скопје, заедно со раководството на Клиниката и на сите оние кои даваа секојдневни напори за моето закрепнување. Вечно ќе ви бидам благодарен што бевте покрај мене во тешките денови и ноќи низ кои минував”, вели градоначалникот.
Мерко вели дека наскоро ќе им се врати на работните обврски. Му треба малку време да се опорави од болеста. Ослабел речиси 30 килограми.
„Знам дека овој вирус му нанесе голема штета на нашето општество и дека се одрази врз економијата. Но многу е пострашно што вирусот предизвика болка во многу семејства кои ги загубија своите најмили и најблиски. Тоа е најголемата болка и јас многу жалам за секој загубен живот”.
Мерко порачува дека македонското општество ќе ја добие и оваа битка и дека ќе дојдат подобри денови. Дотогаш, вели, луѓе носете маски, држете дистанца, мијте ги рацете, бидете совесни, мислете на другите, чувајте се.
„Заради сите нас, заради подобра иднина, апелирам до сите да ги почитувате мерките на Министерството за здравство и протоколите за заштита од ковид-19″, вели во писмото градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.