Свештеникот на Скопската бискупија, монсињор Антун Циримотиќ ќе биде погребан денес во 12.00 часот на градските гробишта Бутел во Скопје. Тој почина вчера во раните утрински часови.
Монсињор Циримотиќ е по потекло од Јањево, Косово. По завршувањето на основното училиште во 1950 година во родното место, заминува во семинаријата во Пазин, а потоа на Богословија во Загреб. За свештеник е ракоположен на 4 јули 1965 година од бискупот Смиљан Фрањо Чекада. Набргу после ракополагањето му е доверена службата управител на парохијата Зјум, покрај Призрен. Тука го учи и албанскиот јазик. По желба на верниците и со нивна помош ја гради филијалната црква која е посветена на света Ана.
Во 1969 година е именуван за консултор и нотар на Женидбениот суд. Во октомври 1970 година бискупот Јоаким Хербут го именува за негов личен секретар. Покрај обврските во ординаријатот доверена му е и грижата за градба на катедралата и пасторалниот центар во Скопје.
Од есента 1983 до летото 2002 година ја врши службата ректор на бискупската семинарија во Скопје, како и професор, а од март 1984 година до декември 1993 година управува и со катедралната парохија во Скопје.
Во 1986 година папата Иван Павле II го именува за негов капелан – монсињор. Во 1991 година е именуван за директор на Македонски Каритас и таа служба ја извршува до ноември 2017 година. Истовремено се грижи и за изградба на пасторалниот центар во Охрид. Од ноември 2005 до 2017 година ја извршува службата генерален викар на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат. Од страна на бискупот Киро Стојанов му е доверена грижата за медиуми и односи со јавност, како и за меѓурелигискиот дијалог. Од страна на бискупот Стојанов е именуван за директор на Радио Марија на 31 јули 2013 година, служба која ја извршува до 29 октомври 2017 година. Бил долгогодишен духовник на сестрите Евхаристинки, а својот златен свештенички јубилеј го прослави на 13 јуни 2015.
По повод доаѓањето на папата Фрањо во Скопје на 7 мај 2019 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во придружба на бискупот Стојанов папата Фрањо пристапи до монсињор Циримотиќ бакнувајќи му рака и со тој гест искажа почит за неговата свештеничка пожртвуваност и активност.
Една седмица пред својата смрт монсињор Циримотиќ беше во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Црквата во Македонија предводена од бискупот Стојанов се благодарни за неговиот живот и дело и ги упатуваат своите молитви до Господ да го прими во своето Царство.