Ерменските вооружени сили собориле турски дрон во Нагорно-Карабах

Единиците на силите за противвоздушна одбрана на Нагорно-Карабах собориле турски дрон „бајрактар“  утринава, напиша портпаролката на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанјан, на нејзиниот канал на „Телеграм“.

„Единиците за противвоздушна одбрана на Артсак (непризната Република Нагорно) уништија уште еден турски борбен дрон ‘бајрактар’“, рече таа.

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.

Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Од 1992 до 1994 година тензиите зовриваа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.

Треба да знаете
Последни објави