Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека како резултат на коалициско несогласување помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ не се избрани составите на клучни органи во Собранието и оти со тоа власта ја кочи редовната работа и процесите во законодавниот дом.
-Поминаа веќе три месеци откако Собранието на Република Македонија започна со работа, а сеуште се соочуваме со негова нефункционалност во повеќе сегменти.Партиската коалиција помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, поради нивната неусогласеност сеуште го оставаат Собранието без состави на клучни органи во неговото функционирање, изјави денеска во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Тој посочи дека се уште не се избрани потпретседатели на претседателот на Собранието кои би биле замена доколку Талат Џафери не е во можност да присуствува на собраниска седница.
Исто така, наведе Мицевски, од изборот на потпретседатели зависи и формирањето на Буџетскиот совет на Собранието кој е клучен за финансиското работење на законодавниот дом. – Не е формиран ниту Националниот совет за европски интеграции кој што е пандан на Комисијата за европски прашања и кој што е потребно итно да биде формиран посебно во период кога Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ како и Делегација во Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ. Не се формирани ниту Билатералните групи за соработка со 50 парламенти во светот преку кои што пратениците остваруваат комуникација и соработка со амбасадори и парламенти, рече Мицевски.
Три месеци, дополни тој, веќе нема состав ниту на Делегацијата на Парламентарнито Собрание на советот на Европа, Делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ, не функционира ниту Делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО , Делегацијата на Парламентарното собрание на Медитеран, потоа Делегација на Парламентарната димензија на Централно- европската иницијатива како и Делегацијата на Интерпаламентарната унија и Делегацијата на Парламентарното собрание на Парламентарната соработка со Југоисточна Европа.
-Без овие делегации, билатерални групи и национални совети, Собранието на Република Македонија не им го обезбедува правото на пратениците да остваруваат меѓународни контакти и соработки со земјите од Европа и остатокот од парламентите во светот. Со коалициското несогласување помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, власта ја кочи редовната работа и процесите во Собранието и преку ова Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров не даваат можност пратениците да ги остваруваат своите права и обврски кои им произлегуваат од мандатот даден од граѓаните на Република Македонија, изјави Мицевски.