Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на почетокот од денешната владина седница, говорејќи за ситуацијата со новиот коронавирус најави нов акциски план во траење од еден месец и уште еднаш повтори дека намерата е да се избегне целосен карантин. Грчкиот премиер избегна да даде детали за мерките, но објасни дека новиот едномесечен план е базиран на досегашните процеси на откривање на нови случаи и на тоа кои економски активности предизвикуваат поголеми, а кои помали проблеми и ширење на коронавирусот.
– Од денеска, мора да се донесат некои вонредни одлуки. Солун, Лариса и Родопи влегуваат во црвената фаза, што значи дека се затвораат повеќето активности, освен, продавниците и училиштата. Повторно ќе кажам, нашата цел останува избегнување на целосен карантин, затоа ќе одиме на дополнително зајакнување на наменските ограничувања, рече Мицотакис и додаде дека следните 15 дена се клучни.
Тој истакна дека ситуацијата во Грција е подобра од останатите земји во Европа и дека веројатно е две до три седмици поназад од она што сега се случува во другите европски држави.
Мицотакис на владината седница, која и понатаму се одржува преку видеоконференција, рече дека здравствениот систем е под најголем притисок досега.