Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека ситуацијата со пандемијата мора да се држи под контрола и ги повика граѓаните да останат смирени.
Канада бележи 1.763 нови случаи, вкупно 224.650 со 10.023 смртни случаи, а некои провинции – особено Алберта, Британска Колумбија, Онтарио, Манитоба и Квебек – сега имаат повеќе случаи отколку што беа пријавени на пролет, на почетокот на пандемијата.
„Ова ќе биде тешка зима. Лесно е да се кренат рацете … фрустрирачки е што мора да ја поминеме оваа ситуација. Никој не сакаше 2020 година да биде таква година, но ние мора да ја задржиме контролата и секој треба да си го направи својот дел“, рече Трудо.
„Ако не бидеме внимателни, можеби нема да ги има ниту семејните собири што сакаме да ги имаме на Божиќ“, рече премиерот.
По летното затишје, бројот на смртни случаи во Канада започна да расте.
Бројот на хоспитализирани и лица во одделенија за интензивна нега останува на ниво што може да се контролира во повеќето региони, и покрај големиот број случаи.