Универзална сала ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед. Град Скопје со ребалансот на државниот буџет кој е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан во наредните денови, доби 2 милиони евра за реконструкција на концертната сала. Веднаш по префрлањето на парите на наменска сметка, ќе се распише тендер за изведувач и кон крајот на годинава ќе стартуваат градежните работи, пишува СДК.МК.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека со реконструкцијата Универзална сала ќе ја задржи својата автентичност.
-Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона – вели градоначалникот Петре Шилегов.