Се работи на сите анализи за спојување и намалување на бројот на институции и 2021 ќе биде година во која ќе ги намалуваме или укинуваме чекор по чекор институциите кои сметаме дека може да бидат споени со останати институции, агенции, фондови и слично, изјави денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Прашан до каде е процесот на намалување на јавните претпријатија и државни органи со нивно спорјување со некои министерства, Николовски рече дека процесот на намалување на самите министерства е веќе започнат со самото формирање на владата, која има седум помалку министерски места од претходно.
– Ова е прва мала, ефикасна и економична Влада, која постојано ќе крати на трошоците и привилегиите. Влада во чиј мандат се најавува намалување на моќта на политичарите и зголемување и трансформација на сите институции да бидат сервис на граѓаните, изјави Николвоски.
Се работи, посочи тој, на анализи и во рамки на проектите кои ги имаат министерствата, особено Министерството за информатичко општество и администрација со ЕУ, за спојување и намалување на бројот на институции.
– Тој процес е во тек и граѓаните треба да знаат дека активно работиме во тој правец. Од друга страна, еве велиме дека ќе ги јакнеме институциите и капацитетите на оние витални институции, како инспекторатите. Државата мора да ги јакне капацитетите кои се неопходни, за сите процеси кои ги водиме, но од друга страна да ги крати и намалува не само институциите, туку и трошоците кои што се непродуктивни. Во тој поглед голем број тимови веќе активно работат и резултатите не може да бидат брзи, туку темелни и суштински и ќе се одвиваат во континуитете во следниот четиригодишен период на оваа влада, изјави Николовски.