Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, учествуваше на онлајн панел-дискусија на 13. Национална конференција за рак на дојка на тема „Предизвиците во третманот и лекувањето и на ракот на дојка за време на Ковид-19″, организирана од Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“.
На конференцијата се дискутираше за тоа какви промени се потребни за да се подобри квалитетот на услугите, терапијата и третманот на пациентите со рак на дојка во време на Ковид-19.
„Розовиот месец октомври не треба да биде единствениот месец во годината кога разговараме за ова прашање, затоа што болеста не бира во кој период од годината и во која средина ќе се појави. А сведоци сме и на стросната граница која се менува и се појавува во пораните години на животот на секоја жена“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека секој момент треба да се искористи и да се зборува отворено за ракот како болест на денешницата и упати поздрав за секоја иницијатива за подигање на јавната свест по ова прашање. Но, упати и на важноста на поддршката која жените си ја даваат меѓусебно при соочување со овој предизвик.
Министерката ги истакна како особено значајни превенцијата, раното откривање и раниот третман како важен фактор во за зачувување на здравствената состојба на секоја жена.
Во однос на пристапот на лекови, таа посочи дека во нашата земја жените имаат пристап до современи лекови кои ги следат светските трендови, што е голем исчекор напред во борбата со оваа болест.
Министерката Шахпаска зборуваше и за вклученоста на Министерството во финансиската поддршка која ја добиваат жените за време на терапија која се движи од 6 до 12 месеци, врз основа на степенот и видот на карциномот и паричен додаток за телесна оштетеност.
„Како Министерството за труд и социјална политика ги поддржуваме овие политики, остануваме партнери во подигнувањето на јавната свест преку разни облици на комуникација. Само заеднички можеме полесно да ги пребродиме сите предизвици, воведување нови современи третмани и приближување на европската пракса, но пред сè она што значи женска солидарност, поддршка и заедничка борба со оваа најчеста малигна болест“, истакна Шахпаска.