Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ја истакна важноста од спроведувањето на економските реформи со особен акцент на вложувања во капиталните инвестиции, изградба на патишта, инфраструктура, гасификација, болници, училишта кои на долг рок треба да ја зголемат економската активност во земјата.
Унапредување и имплементација на економските политики на Владата беа во фокус на онлајн средбата на премиерот Заев, вицепремиерот за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Ото Граф, директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер и Соња Андонова, раководител на портфолиото на ГИЗ.
Премиерот Заев, истакна дека се спроведуваат значајни реформи кои се од голема важност за економски напредок на Северна Македонија, ставајќи акцент на можностите за искористување на обновливите извори на енергија, приватизацијата на земјоделско земјиште под одредени услови, како и зајакнување на концептот на јавно-приватно партнерство, се со цел подобрување на деловниот амбиент и зголемување на инвестициските активности.
Во фокус на средбата беше ставен акцент и на сузбивањето на сивата економија, која прави штета не само на регистрираните деловни субјекти, туку и на буџетот на државата. На средбата беше заклучено дека она што е од голема важност за економскиот раст и во услови на пандемија е зголемувањето на продуктивноста на компаниите, што треба да резултира со пораст на платите и подобрување на животниот стандард како крајна цел.