Околу 15 производители од различни региони учествуваат на саемската манифестација „Мед и здравје” што почна денеска во Скопје и ќе трае до недела. Штандовите на кои се нудат мед, најразлични пчелни производи, како и опрема, се поставени на Плоштадот „Македонија” кај Камениот мост и ќе бидат отворени од 8 до 20 часот.
Организатор на манифестацијата е Пчеларската федерација на Македонија, а покровител Градот Скопје.
-Со гордост можеме да кажеме дека пчеларството во земјава бележи нагорен тренд. Имаме пчелари од сите бранши, од сите старосни структури и од спротивниот пол. Пчеларството станува семеен бизнис со традиција и голем број млади се одлучуваат да влезат во оваа фела. Сепак, оваа и изминатите неколку години приносот на мед е многу намален пред се поради климатските промени, прскањето со пестициди и употребата на средства против комарци, рече претседателот на Федерацијата, Јане Марков.
Според производителот Петре Цаповски, професионален пчелар од Струга, кој првпат учествува на саем во Скопје, ова е добра можност потрошувачите да се запознаат со квалитетот на македонскиот мед, но и бенефитите од овој природен производ. Како што изјави Цаповски, употребата на медот и пчелните производи посебно треба да интензивира во овој период кога се соочуваме со корона пандемијиата.
-Работам со пчели скоро 25 години. Имам пчеларници на повеќе локации. Дојдов тука зашто сметам дека ќе има поголема продажба и секако афирмација на моите производи, рече Цаповски и додаде дека цената на медот на штандовите е унифицирана и изнесува минимум 500 денари од тегла.
Тој укажа дека пчеларите во земјава се уште се соочуваат со нелојална конкуренција, а и субвенциите од државата не се доволно високи.
-Се соочуваме со секакви проблеми зашто нашата работа е многу чувствителна. Државата и води и не води грижа за нас. Добиваме субвенции, но тие се минорни. Бараме поддршката да се зголеми, бидејќи секоја година е се полоша, истакна производителот од Струга.
Гости со свои штандови на Саемот „Мед и здравје” се Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за ветеринарна медицина.