Официјални претставници на ЕУ денеска изразија поддршка за Турција и Грција, кои беа погодени од силен земјотрес, и рекоа дека се подготвени да помогнат.
– Моите мисли се со Грција и Турција. Ние ја следиме ситуацијата и подготвени сме да помогнеме на секој можен начин, напиша претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер.
Слични пораки напишаа и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчиќ, исто така истакна дека ЕУ внимателно ја следи ситуацијата на терен по силниот земјотрес во Егејското Море во близина на Грција и Турција.
Тој напиша дека Центарот на ЕУ за координација на одговор во итни случаи е во близок контакт со властите за цивилна заштита и оти ЕУ е подготвена да помогне.