Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, во емисијата „360“ изјавил дека 7-те мерки кои беа предложени од комисијата и усвоени од Собранието, се надева дека ќе дадат ефект.
„Очекуваме ефект од новите мерки, за 7 до 10 дена да видиме што ќе се случи. Една мерка што е донесена вчера не може наутро да даде ефект. Сакаме да видиме колку населението ќе ги почитува овие мерки, колку ќе прави дистинкција помеѓу нешто што не било предложено и сега како се предложува и спроведува, и да видиме до каде ни се здравствените капацитети, до каде можеме да издржиме и дали имаме можност да ја прошириме оваа предлог-мерка за здравствените капацитети во државата“, вели Караџовски.
Тој после тоа ги елаборираше мерки посебно.
„Некои колеги и новинари најчесто, малку буквалистички ја сфатија пораката дека ако некој ора со трактор, реплицирам на зборувањето на еден колега, на ливада или на нива и во тракторот внатре е сам, на 500 метри лево и десно од него, дали мора да носи заштитна маска? Па не мора. Па немојте толку буквалистички. Меѓутоа, 10 пати ве слушам и вас а и себе си кажувам. Дали во ТЦ Бисер кај што јас живеам, кадешто кога одам на пазар се разминувам со стотици луѓе, дали е потребна маска? Па потребна е. Зборувавме за тоа дека еден облак од причинители на заразни заболувања, што бактерски, што вируси, се разминуваат со мене и со сите вас кога лицата не носат маска. Киваат, кашлаат, зборуваат или било што прават и ние поминуваме низ тој облак“, потенцира Караџовски.