Подготвеноста на Грција да испрати спасувачки тимови во Турција, ја изразил шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас во телефонскиот разговор со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, додека пак премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис му се јавил на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.
Двата телефонски разговори се по силниот земјотрес што ги погоди Самос и Измир.
-Стапив во контакт со министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу и му ја изразив подготвеноста на грчката Влада веднаш да испрати припадници на единицата за помош при катастрофи , напиша Дендиас на „Твитер”.
А исто така преку „Твитер”, грчкиот премиер соопшти дека телефонски разговарал со турскиот претседател за да му изрази сочувство за трагично загубените животи во земјотресот што ги погоди двете земји.
-Без оглед на нашите разлики, ова се моменти кога нашите народи треба да бидат обединети, напиша Мицотакис.