Фудбал викендов во Македонија нема да се игра, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одложи предвиденото 11-то коло во Првата лига, односно 10-то коло во двете Втори лиги. Причина за ваквата реакција од ФФМ е новиот здравствено-безбедносен протокол кој го донесе Владата, со кој се бара клубвите да се тестираат пред секој меч на свој трошок.
ФФМ објави дека измените во протоколите сега за една недела го одложуваат колото, па сега рундата што требаше да се игра во Првата лига, како и во двете Втори лиги се презакажуваат за следниот викенд на 7 и 8 ноември, но под услов ако се сменат протоколите, посебно во делот на задолжително тестирање пред секој меч на трошок на клубовите.
-Комисија за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија информира дека поради измени на Протоколот за спроведување мерки за заштита од „Ковид 19“ и стапување на сила на Општиот Протокол за организирање на натпревари, натпреварите од 11. коло на Прва МФЛ и 10. коло на Втора МФЛ – Исток и Запад кои требаше да се одиграат на 31.10.2020. (сабота) и 01.11.2020. (недела), се одложуваат и истите се пренасочуваат за одигрување на 07.11.2020. (сабота) – 11. коло од Прва МФЛ и 10. коло, Втора МФЛ – Исток и Запад на 08.11.2020 (недела)“, објави ФФМ.
Тестирањето пред секој меч за клубовите е голем трошок. Останува да се види дали за една недела ФФМ со комисијата за заразни болести ќе успее да најдат поинакво решение за да продолжи фудбалската сезона.