Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил изрази сочувство по повод смртта на македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец и продуцент Данчо Чевревски, кој почина синоќа во Скопје на 69 годишна возраст.
-Со искрено жалење ја примив веста за смртта на истакнатиот театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент, Данчо Чеврески, чии уметнички остварувања оставија важен и траен белег во театарот и македонската кинематографија. Данчо, ќе остане запаметен по својата богата и плодна филмска и театарска кариера, за која говорат и многубројните награди, а како последен сведок е и минатогодишната „Астер” за исклучителни достигнувања на филмот и на телевизијата, вели Заев.
Своето големото наследство од знаење, додава премиерот Заев, тој со страст им го пренесуваше на своите студенти од Факултетот за драмски уметности, и ревносно и со љубов ги внесуваше во тајните на актерската игра пред камерите.
-Од свое лично име, и од име на членовите на Владата, до семејството Чеврески и до сите негови блиски и пријатели, упатувам изрази на длабоко сочувство за нивната загуба во знак на сеќавање и вечен спомен на Данчо, напиша Заев.