На територијата на Општина Аеродром денеска се засадени 60 дрвја од видот платан, во паркот „Нирнберг“ во Ново Лисиче и на булевар „Србија“ во паркот зад бензинската станица на „Лукоил“.
Иницијатор на акцијата е Европскиот фонд за Балканот, кој ја започна иницијативата „Дрво на пријателството“ со истовремено садење 400 дрвја во Скопје, Сараево, Приштина, Тирана, Подгорица и Белград.
Во акцијата се вклучи и Општина Аеродром, а целта е да се подигне свеста меѓу граѓаните од државите во регионот за последиците од аерозагадувањето.
Општина Аеродром во изминатите три години организираше голем број акции за засадување и зазеленување, при што се достигна бројката од околу 10 000 садници на разни локации низ општината.