Правилата за примена на ИПА фондовите од Европската комисија се многу јасни и стриктни и има многу малку простор за можни злоупотреби, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има посебна комисија за надгледување на распределбата на структурните фондови од ЕУ.
-Северна Македонија долго време е вклучена во имплементацијата на неповратните финансиски средства од Европската комисија, формално од 2007 како ИПА фондови, имплементацијата ја правиме во склоп на нашите институции, а ЕК има свои механизми за надгледување и за супервизија и за надзор на начинот на управување со овие средства. И Северна Македонија има агенција која прави контрола на трошоците и овие правила се многу јасни и стриктни. Се надевам и понатаму ќе продолжи овој систем на децентрализирано управување и имплементација, бидејќи е знак за доверба на изградба на капацитетите во примената на ИПА фондовите, но се правиме во соработка со ЕК и мислм дека има многу малку простор за можни злоупотреби, рече Османи.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во врска со ИПА фондовите рече дека ЕК директно и индиректно има многу цврст систем за управување со овие средства, што е направен за да се избегне опасноста од злоупотреби на ваквите средства.
-Важно е исто така и да обезбедиме распределба на тие средства таму каде што се навистина потребни, за да се постигне напредок во областите како што е пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ, рече Гир.
Во однод на малата искористеност на ИПА и дали земјава има капацитети и човечки ресурси за нивно користење, Гир истакна дека први важни чекори што мораат да се преземат се законодавните промени, а следниот чекор е имплементацијата.
-Има многу нешта што треба да се зајакнат. Имавме многу отворена дебата за тоа, тоа не е само законодавната рамка која се разбира е важна, но имплементацијата, административниот капацитет за испорачување на услугите е уште поважен и мислам дека имавме конструктивни разговори со разни функционери, службеници во Владата за капацитетите, и подобрувањето на капацитетите, за поддршка на спроведувањето на реформите, за кои подоцна може да ги користиме структурните фондови во управувањето со овие чекори, истакна евроамбасадорот.