Во земјотресот со јачина од 6,6 степени што се случи во отворени води во Егејско Море, кај местото Сеферхисар во Измир, загинаа четири, а повредени се 120 лица, јави агенцијата Анадолија.
Оваа информација преку писмено соопштение ја потврди Управата за вонредни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи на Турција.
– Според информациите добиени од Координативниот центар за здравство и катастрофи, загинаа четворица наши граѓани, од кои еден се удавил, додека 120 граѓани се повредени, се вели во соопштението.
Според соопштението, дирекцијата на АФАД испратила итна помош од три милиони лири кои ќе бидат искористени во работите во ова подрачје.
– Три мобилни координативни шлепери од Сакарја, Бурса и Афјон се испратени во ова подрачје, се додава во соопштението на АФАД.