Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека на видео состанокот за „мини Шенген”, биле донесени неколку важни одлуки чија имплементација ќе започне на 10 ноември.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, граѓаните на трите земји од 10 ноември ќе можат да патуваат од една во друга земја без ПЦР тест.
– Имавме долга средба со Рама и Заев и мислам дека беше важно што донесеме неколку важни одлуки, кои ќе бидат спроведени најдоцна од 10 ноември. Дотогаш, без ПЦР тест ќе може да се оди во Албанија и Северна Македонија, или оттаму во Србија, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека министрите за здравство во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помагнеме, да можеме да примаме пациенти од Скопје и од Тирана, они да можат да примаат српски државјани кои се наоѓаат на нивна територија, како да се регулираат трошоците.
– Ајде да видиме како едни на други да си помагаме со вакцините, да се појавиме некаде заедно во набавка на вакцините, кажа Вучиќ, додавајќи дека тоа била само една од точките на состанокот, која се однесува на ковид 19.
Вучиќ кажа дека на самитот се разговарало за зајакнување на политичката соработка.
– Имавме интерес некои наши кандидати да бидат поддржани, а ние да поддржиме некои други кандидати и тоа подобро ќе функционира во иднина, кажа Вучиќ.
Тој потенцираше дека е постигнат договор во 3 точки, меѓу другото и задржувањата на границата што е можно повеќе да се намалат.
Според Вучиќ, станало збор и за работните дозволи, потоа за вонредната состојба, односно помагање едни на други кога ќе се појават природни непогоди, како и уште побрза работа на Царината.
– Од 10 ноември ќе можете да влезете на територијата на двете земји само со лична карта, додаде Вучиќ.
Разговаравме и за понатамошни инвестиции, за тоа како заедно можеме да се обидеме најдобро да ги претставиме нашите проекти, со цел да извлечеме најмногу пари од оние осум плус една милијарда ветени од Европската комисија. Мислам дека ова се добри и многу важни резултати за нас, кажа Вучиќ.
Како што кажа, поканата за Црна Гора и Приштина да се приклучат на иницијативата за мини Шенген останува отворена.