Постојат многу шпекулации во медиумите за многу теми. Не сметам дека е корисно да додавам кон тие шпекулации, но тоа што е важно е дека треба да продолжи дискусијата, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, прашан како ја коментира објавата на „Политико” за наводно постигнатиот консензус во ЕУ околу бугарските барања за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.
Сега, посочи тој, треба да се постигне договор за преговарачката рамка како една референтна точка во преговорите за пристапување во ЕУ и потоа ќе можеме да ја имаме меѓувладината конференција за да го започнеме самиот процес.
– Се надеваме дека тоа ќе се случи колку што е можно побрзо, изјави Гир.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во однос на објавата на „Политико”, пак, посочи дека од тоа што го слуша во медиумите тоа не е нов поглед на Република Бугарија како треба да се реши ова прашање, но дека не може да зборува за некави предлози, бидејќи ние не сме дел од дебатата што се одвива внатре во ЕУ.
– Јас лично сметам дека потврдувањето на правото на самоопределување и идентитетските атрибути од страна на Република Бугарија значително ќе го охрабри општеството и особено комисиите на историчарите, без сомнеж и оптоварвање да работат како научници во разгледување на различните историски настани и во начинот како да се одбележат различни историски фигури, изјави Османи.
Посочи дека политичарите може да охрабрат и создадат амбиент, но политичарите со декрет не можат да донесат интерпретации по однос на историските одлуки, ниту пак дека таквите одлуки би биле здрави и одржливи.
– Она што може политиката да го направи е овие охрабрувачки изјави од Република Бугарија дека се спремни како и сите други да го признаат правото на другите држави, навистина ќе даде растоварување на општеството во однос на намерите за функционирањето и улогата на овие комисии. Не гледам друг начин на интерпертирање на историските настани, освен тоа што го предвидува самиот Договор, а тоа е историчарите, надвор од стегите на политиката, врз основа на историските информации да најдат заедничко интерпретирање, изјави Османи.
Во однос на работата на комисиите, министерот Османи, рече дека работните групи комуницираат на редовна основа, се разбира во рамки на ограничувањата што ги наметнува пандемијата.
– Се разговара отворено за сет на прашања за кои сметаме дека има простор да се олеснат одредени загрижености на двете страни во овој процес. Да се објаснат различните очекувања и различните пристапи. Работните групи продолжуваат да работата и очекувам и денеска да продолжат, изјави Османи.
Тој посочи дека има направено конкретни исчекори и дека навистина би било штета да не се искористи наметнатата динамика и во односите меѓу политичарите и во комисиите.