„Лансет” е уште едно научно списание кое ги повикува Американците да гласаат за промена на претседателските избори следната недела. Редакцијата на магазинот го опиша одговорот на администрацијата на Доналд Трамп на пандемијата како „катастрофален”.
Медицинскиот журнал не го поддржува директно кандидатот на демократите Џо Бајден во својот коментар, но главно се фокусираше на проблемот што САД не се справија со „најголемата криза со јавното здравство во векот”.
Се потенцираат сериозните проблеми во социјалната сфера, континуираната ерозија на довербата во јавниот сектор, недостатокот на соодветна одговорност од страна на федералната влада и политичкото мешање во здравствената заштита, особено во Центрите за превенција и контрола на болести.
Сето ова доведе до „катастрофален одговор од САД против пандемијата на новиот коронавирус”.
Во САД има 8,94 милиони заразени и над 220.000 смртни случаи.
„Лансет” пишува дека САД доживуваат „континуирана девалвација на науката”. Уредничкиот одбор на авторитетниот магазин забележува и дека администрацијата на Трамп ги укина регулативите за заштита на луѓето, работниците и животната средина.
Претседателските избори во 2020 година се можност за американското гласачко тело да наметне промена на подобро, пишува списанието. Неколку други големи научни списанија исто така ги нападнаа постапките на Трамп во здравството и науката.
Минатиот месец, престижното списание „Scientific American ” го поддржа Џо Бајден за претседател на САД – за првпат поддржа кандидат за претседател во својата 175-годишна историја.