Македонската банкарска асоцијација во соработка со Фондот за осигурување на депозити денес организираше пригодна виртуелна свечаност по повод Светскиот ден на штедењето, 31 октомври.
На е-настанот се вклучија министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, в.д директорот на Фондот, Амир Шабани, претставници на финансиските институции, на членките на Македонската банкарска асоцијација и нивните најдобри службеници за 2020 година.Претседателката на Македонската банкарска aсоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева, поздравувајќи ги присутните и честитајќи го празничниот ден истакна:
„Зголемувањето на депозитите зборува за довербата која банките ја имаат кај населението. Токму од таму произлегува и обврската на банките да се грижат за сигурноста на штедните влогови, за сигурноста на депозитите на своите комитенти. Најголемиот дел од изворите на финансирање во банките во нашата земја се депозитите. Затоа е особено важна нивната сигурност. Правилната процена на ризиците избалансирана со кредитирањето треба да биде во функција на сите засегнати страни и тоа како на депонентите, така и на кредитокорисниците и на акционерите.”
Напоменувајќи ги специфичните економските текови во државата во услови на пандемија министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими изјави :
„И во вакви вонредни услови, податоците покажуваат годишен раст на депозитите на граѓаните и на компаниите. Заклучно со септември вкупните депозити на граѓаните бележат годишен раст од 6,1%, додека вкупните депозити на компаниите бележат годишен раст од 8%. Штедењето во денари е повисоко од девизното штедење, така што учеството на денарските депозити во вкупните депозити, заклучно со 30.09.2020 година изнесува 52,3 %. Ова се добри сигнал дека довербата во банкарскиот систем е на завидно ниво. Позитивното движење кај штедењето е проследено и со раст на кредитирањето. Кредитирањето на граѓаните и фирмите бележи годишен пораст од 7,3 %. Притоа, кредитирањето на населението бележи раст од 9,5 %, а на корпоративниот сектор пораст од 5,2%. Податоците покажуваат дека и во време на значајни предизвици, довербата на македонските граѓани во домашниот финансиски систем се задржа на високо ниво. Ова е резултат на воспоставената макроекономска и финансиска стабилност, стабилноста на девизниот курс, добро дизајнираната регулатива и прудентното однесување на банките”.
Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежовска, во своето обраќање, меѓу другото се осврна и на динамиката на стапката на домашно штедење во регионот во изминатите десетина година, потенцирајќи го трендот на постојан раст. Таа посочи дека ваквите промени се присутни и кај нас, при што минатата година, стапката на домашно штедење достигна 20,2% од БДП, што е најголемо подобрување во рамки на групата земји од Западен Балкан споредено со периодот на глобалната економска криза, и е блиску до просекот од развиените земји, имајќи предвид дека порастот во еврозоната изнесуваше 25,2%.
„Овој потенцијал, значи дополнителна акумулација на финансирање, и неговото насочување кон продуктивни инвестиции и проекти може да биде значајна поддршка за неопходните структурни прилагодувања на реалниот сектор на оваа “нова нормала”. – порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
В.д директорот на Фондот за осигурување депозити, Амир Шабани изјави дека Фондот за осигурување на депозити продолжува да работи согласно основните два принципи на кои функционираат сите системи за гаранција на депозитите, а тоа се: заштита и осигурување на банкарските депозити и исплата на обесштетување во најкраток можен рок.
И оваа година, 36 службеници од 14 банки, 2 штедилници, Клириншката куќа КИБС и Македонското кредитно биро добија признание за нивната работа, награда за нивниот труд дотолку повредна бидејќи е изнедрена од оценките на нивните непосредни соработници.Светскиот ден на штедењето е востановен на 31 октомври 1924 година во Милано, на првиот меѓународен конгрес на штедилници на кој присуствувале претставници од 29 земји.
Во нашата земја традиционално, овој ден се одбележува започнувајќи од 1999 година.