Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан упати телеграма со сочувство до архиепископот пеќски, митрополит белградско-карловачки и патријарх српски, г. г. Иринеј по повод упокојувањето на високопреосветениот архиепископ цетињски и митрополит црногорско-приморски, Амфилохиј.
– Ваша Светост, Нѐ натажи жалната вест за упокојувањето на Високопреосветениот Архиепископ Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски, Амфилохиј. Дозволете ми во Наше име, во името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА), на свештенството, монаштвото и на сите верни чеда, да изразам искрено сочувство и братско сострадание во болката на сестринската Српска православна црква (СПЦ), на Црногорско-приморската митрополија и на сите коишто го почитуваа Митрополитот Амфилохиј. Неговата богољубива личност и дело одбележа една светла страна во поновата историја на Српската Црква, стои во телеграмата.
Овој јерарх Христов, се додава, беше сведоштво за изобилното излевање на даровите на благодатта на Светиот Дух и ќе биде запаметен не само како пастир добар, туку и како врвен професор и педагог, за што и самите посведочуваме како негов студент, но и посветен богослужител, просветен теолог, даровит беседник, грижлив отец на својот народ, монахољубив епископ.
– Господ Исус Христос, Кој е воскресение и живот, нека ја упокои душата на новопретставениот Митрополит Амфилохиј во населбите на праведните, меѓу хоровите на светителите, а на сите коишто тагуваат за него, нека им се дарува оправдана утеха и сигурна надеж во воскресението. Бог да го прости и нека му дарува Царство Небесно!, стои во телеграмата со сочуство од погклаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан упатена до СПЦ и до Црногорско-приморската епархија