Тазе пензионираниот ММА борец и шампион во лесна категорија во УФЦ, Хабиб Нурмагомедов на својот официјален профил на Инстаграм објави фотографија на францускиот претседател Емануел Макрон со отпечаток на чизмата врз лицето, а објавата беше придружена со зборовите„Нека возвишениот го унакази лицето на ова суштество и неговите следбеници кои под слоганот на слободата на говорот ги навредуваат чувствата на повеќе од една и пол милијарда муслимани. Нека семоќниот ги понижи во овој и во следниот живот. Алах е брз и ќе видите “.
Нурмагомедов, муслиман од руската република Дагестан, изјави дека муслиманите го сакаат својот пророк Мухамед „повеќе од нивните мајки, татковци, деца, сопруги и сите други блиски луѓе“. „Верувајте ми, овие провокации ќе им се вратат“, додаде Дагестанецот, припадник на етничката група Авар. Нурмагомед го заклучил постот со цитат од Куранот,”Да, Алах ги проколнува на овој и на оној свет оние кои го навредуваат Алах и неговиот Пратеник. Тој подготвува срамна казна за нив”.
Објавата собра повеќе од 2,6 милиони лајкови и повеќе од 170 000 коментари за осум часа. Нурмагомедов го следат 25,1 милиони корисници на Инстаграм.
Објавата на борачот доаѓа откако францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот во Ница изјави по нападот во кој загинаа три лица дека „во тек е исламистички напад врз Франција“.
-Уште еднаш, во нашата земја се случи исламистички терористички напад. Тројца наши сонародници загинаа во Ница, во базиликата Нотр-Дам. Сосема е јасно, ова е напад врз Франција. Во исто време, францускиот конзулат во Саудиска Арабија беше нападнат и имаше апсења на територијата на нашата земја. Ако дојде до нов напад, тоа ќе биде заради нашите вредности, нашето чувство за слобода, заради можноста за слобода на верата на наше тло и непопуштање на кој било дух на терор. Ние нема да му се предадеме , рече Макрон.
Изјавата на францускиот претседател доведе до протести во неколку муслимански и арапски земји во кои учествуваа десетици илјади луѓе.