Барселона веќе три меча е без победа во шпанското првенство и ќе мора да се задоволи со бод при ремито од 1-1 на гостувањето кај Алавес во мечот кој се одигра во осмото коло во Ла Лига.
И со играч повеќе на теренот речиси половина час, Каталонците не успеаја да го свртат резултатот во своја корист, па така традицијата на Алавес без пораз во шпанското првенство во ситуација кога води на полувреме, не се прекина и по 17 години.
Еден голем кикс на Нето во 31-та минута беше подарок за домаќините да поведат, а стрелец на голот беше упорниот Риоха, кој му ја украде топката на бразилскиот голман во опасната зона.
Алавес потоа одолеваше на нападите на составот на Куман во ситуација кога двете екипи имаа еднаков број играчи на теренот. Во 62-та минута Хота заработи исклучување, а Барселона преку Гриезман веќе во следниот напад успеа да израмни на 1-1.
Гостите беа упорни за целосен пресврт, Меси и Гриезман ја затресоа мрежата во продолжението од средбата, но ниту еден гол не се важеше поради офсајд позиција, па драматичната завршница не донесе одлучувачки погодок.