Според последните податоци во Србија на коронавирус позитивни се 1.817 лица, а шест лица починале како резултат на болеста. Тестирани се 9.531 примероци.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, од 1.817 потврдени случаи на коронавирус во последните 24 часа, во Белград се регистрирани 980, што изнесува 54 отсто.
Следува Нови Сад со 95 случаи, Крагуевац 68, Краљево 38, Ваљево 34, Чачак 32, Шабац 32, Ниш 28, Крушевац 25, Зрењанин 21, додека на другите места има помалку од 20 новоинфицирани.
Во моментов, 1.122 лица се наоѓаат на болничко лечење, а 51 пациент е на респиратор.
Се зголемува бројот на носители на инфекција, а надлежните предупредуваат за игнорирање на благите симптоми на коронавирусот.
Директорката на Институтот „Батут”, Верица Јовановиќ, изјави дека оваа недела се регистрирани трипати повеќе новоинфицирани лица од минатата недела и дека се пополнуваат болничките капацитети. Таа посочи дека не е поминато времето на тешки клинички слики кога е во прашање Ковид-19 и апелираше до граѓаните да бидат самите на себе контролори во спроведувањето на мерките.
Министерот за образование, наука и технолошки развој, Бранко Ружиќ, изјави дека засега нема причина да се преминува од комбинирана на онлајн настава и додаде дека состојбата со коронавирусот ќе се следи и дека Владата во договор со Кризниот штаб ќе донесе соодветни одлуки.